Стручно советување: „Современи трендови и предизвици во асфалтната индустрија“ Скопје, 4.12.2024 год.
Друштвото за Патишта на Македонија (ДПМ) како лидер на градежните инженери по патишта, во коорганизација со Градежниот факултет од Скопје (ГФ), Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАОИ) и германската компанија „Џ. Ретенмаер&С“ (ЏРС), на 4.12.2024 година организираа Меѓународно стручно советување на тема „Современи предизвици и трендови во асфалтната индустрија“, каде што имаше околу 90-тина учесници. На советувањето беа присутни како дел од нивната едукација и студентите од насоката за Транспортна инфраструктура од Градежниот Факултет при УКИМ-Скопје, кои стекнаа дополнителни знаења и искуства.
Во официјалниот дел свои обраќања имаа Претседателот на ДПМ проф. д-р Горан Мијоски, Претседателката на КОАОИ м-р Кристинка Чулак, Деканот на ГФ проф. д-р Горан Марковски, претставникот на компанијата ЏРС д-р Дејан Перуциќ и ВД директорот на ЈПДП Коце Трајаноски.
По официјалниот дел и давањето на изјави за медиумите, советувањето продложи со презентации од Првиот дел, каде темата беше асфалтната мешавина СМА (Сплит Мастикс Асфалт) од инженерот на компанијата „ТПА Унгарија“, г-динот Акос Кирали. По него презентација имаше претставникот од германската компанијата “JRS” г-дин Бернд Абеле.
Третата презентација од првиот дел беше на тема „Асфалтирање со СМА асфалтна мешавина на македонските патишта“ која ја презентираше Проф. Д-р Горан Мијоски, кој ги изнесе нашите искуства и предизвици со СМА асфалтната мешавина, која е најприменувана во Европа и светот за патиштата со тешко, многу тешко и исклучително тешко сообраќајно оптоварување.
Во презентациите од вториот дел се говореше за две исклучително актуелни теми и тоа, Примена на рециклиран асфалт и искористување на неговиот цел потенцијал, презентирана од Бернд Абеле и Одржив концепт за регионалните патишта со регионални искуства од соседна Србија, презентирана од Урош Татиќ од Институтот за патишта во Белград.
Во третиот дел од советувањето највеќе внимание се посвети на еден од новитетите, односно Топлите асфалтни мешавини (Warm Mix Asphalt), нивната примена и значење не само за градежните компании (намалени трошоци за енергија при производство, продолжена градежна сезона, подобро вградување и др.), туку и за нивното значење за заштита на природата преку намалената емисија на јаглерод диоксид, намалено штетно влијание врз вработените и др.
На крајот на советувањето, на сите учесници им беа доделени Сертификати за учество на стручното советување со 8 ЦПД поени.