Стипендирање
Градежен факултет Скопје, како единствена високообразовна установа со настава на прв, втор и трет циклус на студии од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката во нашата држава, има обврска да образува високостручен кадар кој со своите вештини и компетенции ќе биде способен да одговори на задачите и на развојните текови во струката. Исполнувањето на оваа обврска, меѓудругото, бара и соработка со градежните фирми и институциите на системот. Градежниот факултет секогаш бил и ќе остане отворен за соработка, отворен за сите позитивни идеи и развојни планови кои можат да придонесат во квалитетот на студиите, стручното обликување и насочување на идните дипломирани инженери.
Фондацијата за стипендирање студенти е една од формите и можностите за меѓусебна соработка со градежните фирми и институти во остварувањето на заедничките цели.
Фондацијата е основана со Одлука донесена на 309 седница на ННС на Градежниот факултет од 20.05.2004 година. Како основни цели и задачи на Фондацијата се:
– овозможување на подобри услови за студентите на Градежниот факултет,
– стипендиите да бидат дополнителен мотив за поуспешно студирање и обезбедување на квалитетен стручен кадар способен да одговори на предизвиците на современото градежништво,
– фондацијата да претставува форум преку кој фирмите од градежната индустрија ќе можат да ги изнесат своите видувања за образувањето на новите кадри согласно на нивните актуелни потреби.
Во недостиг на градежни фирми и институти, со цел најдобрите студенти да останат мотивирани, Градежен факултет-Скопје доделува стипендии од сопствени средства.
Стипендии на прв циклус на студии
Стипендирањето на новозапишаните студенти во прва година се врши согласно поените остварени при запишување на Градежен факултет.
Од учебната 2024/2025 година на ниво на средни училишта се организира работилница “Градиме иднина” на која идните студенти на Градежен факултет со своето знаење и покажување особен успех имаат можност да освојат стипендија – тригодишно ослободување од партицпипација или едногодишно ослободување од партиципација, по претходно донесена Одлука од Деканатската управа на факултетот.
Од учебната 2018/19 година, Друштвото за геотехника доделува 5 стипендии на најдоброрангираните кандидати при запишување на прв циклус на студиската програма Геотехничко инженерство, по претходно донесена Одлука на Друштвото за геотехника.
Стипендирањето во втора и трета година се врши на најмногу 10 студенти од секоја година, и тоа на студентите кои оствариле просек од најмалку 9.00 и ги положиле сите предмети заклучно со сесијата август/септември.
Стипендии на втор циклус на студии
Стипендирањето на новозапишаните студенти на втор циклус на студии се врши според претходно остварениот успех на прв циклус на студии, при што се стипендираат најмногу 5 студенти кои во континуитет ја задржале стипендијата (или правото на стипендијата) на прв циклус на студии и оствариле просек од најмалку 9.00.
Стипендирањето во втора година се врши на студентите кои оствариле просек од најмалку 9.00 и ги положиле сите предмети заклучно со сесијата август/септември.
Стипендиите во секоја учебна година на прв и втор циклус на студии се однесуваат на студентите од тековната генерација, а дополнителен услов е и да се невработени.