Соопштенија

Инструмент за оптичко мерење на 3D деформации Zeiss Aramis Adjustable

На 1 септември 2025 година, на Градежниот факултет пристигна современ инструмент за оптичко мерење на 3D деформации Zeiss Aramis Adjustable. Од страна на производителот беше извршена нејзина инсталација и спроведена дводневна обука за нашиот наставен кадар.
Овој инструмент, заедно со софтверот за обработка на податоци Zeiss Correlate Pro, претставува најсовремена опрема за бесконтактно мерење на статички и динамички деформации на било какво круто тело. Покрај тоа што ја заменува конвенционалната опрема, таа овозможува и мерење на деформации во неограничен број точки од анализираниот елемент или конструкција – независно од типот на материјалот. Можностите на оваа опрема се речиси неограничени!
Градежниот факултет е единствената институција во земјата и регионот што располага со ваков вид опрема на што сме особено горди. Очекуваме дека таа ќе придонесе кон добивање релевантни научноистражувачки резултати и нивно објавување во престижни меѓународни списанија.
Но, она што е најважно, оваа опрема ќе им биде ставена на располагање на нашите студенти за време на аудиториски и лабораториски вежби по неколку предмети, како и за подготовка на нивните дипломски, магистерски и докторски трудови.