Потпишани договори за реализација на нови 40 научно – истражувачки проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ
Со задоволство Ве информираме дека деканот на Градежниот факултет проф. д-р Горан Марковски и Министерот за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на 7.8.2025 потпишаа договори за финансирање на два научноистражувачки проекти, прифатени во рамките на Конкурсот за распределба на средства за финансирање на научноистражувачки проекти на државните универзитети, факултети, институти и МАНУ за 2025 година:
– Проект од научното подрачје инженерство и технологија: “Анализа на природни изотопи во врнежи, површински и подземни води”, главен истражувач проф. д-р Виолета Ѓешовска. Со овој проект ќе се допринесе за првпат во Македонија да се воведат анализи за водните ресурси со примена на изотопна хидрологија, преку испитување на природни изотопи во врнежи, површински и подземни води.
– Проект од научната област одржливи материјали и паметни згради: “Можности за употреба на одржливи композитни материјали со отпадна гума во паметни згради и инфраструктура (акроним: RubberWorld)”, главен истражувач проф. д-р Тодорка Самарџиоска. Овој проект се фокусира на развој и примена на иновативни, еколошки, циркуларни и одржливи решенија со употреба на рециклирана отпадна гума во високоградба и геотехнички системи.

