Соопштенија

Завршена прва фаза на активностите во рамки на проектот RER7017 Project: Ensuring Water Availability in a Changing Climate- поставени инструменти за врнежи

СКОПЈЕ

ТЕТОВО

ГЕВГЕЛИЈА

Современите научно-истражувачки пристапи во изучување на хидролошкиот циклус  на водата во природата, покрај математичкото моделирање, се почесто на светско ниво ја вклучуваат и изотопната хидрологија. Што претставува изотопна хидрологија? Изотопна хидрологија, е дел од нуклеарна наука, која ја дефинира “животната приказна” на водата, односно, врз основа на содржината на стабилни изотопи т.н. изотопски отпечаток (isotopic fingerprint), научниците можат да го утврдат потеклото, староста, квалитетот и стапката на обновување на водните ресурси.

Стабилните изотопи на водород и кислорот (2H, 18O) се моќни природни алатки за следење на движењето на водата низ различните фази од водниот циклус. За ефикасно управување со водните ресурси, користењето на изотопните техники е клучно уште во фазата на планирање. Следењето на природните изотопи во површински води и врнежите помага за следење на инфилтрационите процеси, пресметување на количините на инфилтрирана вода во подземните води и го следи патот на инфилтрација. Со цел да се добијат релевантни, коректни информации за изотопскиот состав на водата, потребно е редовно земање примероци од површински води и поставување на мрежа од зафаќачи на дожд.

Преку учество во проектот RER7017 Project: Ensuring Water Availability in a Changing Climate поддржан од страна на Меѓународната Агенција за Атомска Енергија (МААЕ), Катедрата за хидраулика,хидрологија и уредување на водотеците (КХХУВ) при Градежниот факултет во Скопје ја заврши првата фаза: поставување на апарати за зафаќање на вода од врнежи на три локации во сливот на река Вардар. Инструментите се поставени  во рамки на кругот на УХМР на три локации: во Скопје, Тетово и Гевгелија. Втората фаза од имплементација на активностите предвидува континуирано земање на примероци од врнежи (еднаш месечно во наредните две години). Примероците вода ќе бидат филтрирани и складирани во соодветни услови до следната трета фаза која предвидуве анализа на изотопите и интерпретација на добиените резултати.