Соопштенија

Учество на „Уникомпас“ – саем на универзитети

На 6.7.2024 во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) се одржа манифестацијата „Уникомпас“ – саем на универзитети. Организатор на настанот беше СтудентаријаМК – најголемата дигитална студентска заедница која брои над 40.000 следбеници на Инстаграм. Настанот беше поддржан од Американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје.

На манифестацијата учество зема и Градежниот факултет со својот тим кој го сочинуваа нашите студенти, Ивана, Сандра, Андријана и Петар. Тимот беше надополнет и со Професорите Витанов и Јосифовски, како претставници на Центарот за кариера на Градежниот факултет. Голем број на посетители на саемот покажаа интерес за градежништвото и Градежниот факултет, а Ивана, Сандра, Андријана и Петар беа подготвени да одговорат на сите нивни прашања со што успешно им ја доближија нашата струка и студиите. Позитивните реакции од заинтересираните посетители кои во нивните разговори покажуваа и продлабочен интерес, беа показател за нивната успешна работа.

Линк до настанот: https://unikompas.my.canva.site/pochetna#за-настанот

Официјална галерија: https://flic.kr/s/aHBqjByuyY