History
ГРАДЕЖEН ФАКУЛТЕТ е најстариот Технички факултет во Македонија, формиран во 1949 година и e интегрален дел на најголемиот Универзитет во нашата држава, Универзитетот ,,Св. КИРИЛ И МЕТОДИЈ”.
Како ден на Факултетот се прославува 6 октомври, ден кога е одржан првиот час на студентите по градежништво во далечната 1949 година во амфитеатарот на тогашниот Технички факултет.
Официјално, актот на основање на Tехничкиот факултет кој бил составен од два оддела (Градежништво и Архитектура) е објавен како акт на Владата на Народна Република Македонија во Службен Весник број 34 од 28.12.1950 година.
Покасно, Техничкиот фалкултет со акт на Владата на Социјалистичка Република Македонија е поделен на Факултет за Градежништво и Архитектура, Електро-машински факултет и Технолошко-металуршки фалкултет (Службен весник на СРМ број 27/1965 од 30.06.1965 година).
Со акт на основање број 03-660/1 од 22.04.1975, Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет веќе се конституирани како одделни факултети.
Во тој период при Градежниот факултет наставата се одржувала на три насоки и тоа: конструктивна, хидротехника и насока за патишта и железници.
Студиите по геодезија започнале во 1978 година како петсеместрални студии.
Со студиите по геотехника е започнато во 2005 година.
Денес, Градежен факултет е високо ценета јавна високообразовна институција која врши образовна, научно-истражувачка, применета и издавачка дејност од областа на градежништвото, геотехниката и геодезијата.
Основната мисија на Градежниот факултет е едукација, стручно оспособување, но и подигнување на целокупното функционирање на нашето општество во насока на приближување кон идеалите што пред себе ги поставија земјите од Европа.
Оваа своја основна цел ја спроведува преку:
- продукција на високообразован стручен кадар од областа на градежното, геотехничкото и геодетското инженерство на ниво на додипломски, последипломски и докторски студии;
- поттикнување и остварување на научно-истражувачката дејност;
- постојана соработка со стопанството, првенствено со градежната оператива, црпејќи корист од нивните искуства и нудејќи ги за возврат резултатите од сопствените истражувања;
- освен стручното оспособување на студентите, извонредно важен чинител е нивното оформување во целовити личности, со сопствен став за општесвеното живеење, но и со елан да се учествува во тие токови;
- имплементација на Европскиот Кредит Трансфер Систем – ЕКТС.
Започнувајќи од септември 2013 година, сите студиски програми на факултетот се одржуваат според ЕКТС моделот 3+2+3.
Првите три (3) години се посветени на првиот циклус на студии (додипломски студии) на следните студиски програми:
– Градежништво
– Геодезија
– Геотехничко инженерство
Следните две (2) години се посветени на вториот циклус (последипломските студии) каде се одржува настава на следните студиски програми:
– Градежништво, Конструкции
– Градежништво, Хидротехника
– Градежништво Транспортна инфраструктура
– Геодезија
– Геотехничко инженерство
– Менаџмент по недвижности
Првиот циклус на студии трае шест семестри и носи 180 ЕКТС кредити, вториот циклус трае четири семестри и носи 120 кредити.
Третиот циклус – докторски студии започна да се одржува од 2011 година на една студиска програма Градежништво со неколку модули и траат шест семестри со 180 кредити.
Детали за режимот на студирање и предавањата може да се добијат на оваа web-страна како и од продеканот за настава.
Предавањата се организираат и изведуваат од 41 редовни, вонредни професори и доценти, 11 асистенти и докторанди и поголем број соработници-студенти на втор и трет циклус на студии.
Факултетот поседува два амфитеатри и 17 училни со вкупен простор од околу 1700m2.
Покрај тоа, за едукација факултетот раполага со седум лаборатории, современ компјутерски центар и библиотека со голем број наслови.
Во процесот на настава се користат современи софтверски алатки, а факултетот е целосно покриен со безжична интернет врска.
Веб страната редовно се ажурира, каде покрај другото на страните на катедрите се поставени предавањата и вежбите во електронска форма.
Паралелно, покрај наставата, факултетот големо внимание посветува на научната работа и апликативно-практичната активност во градежништвото, геодезијата, геотехниката и сродните научни дисциплини.
Факултетот редовно одржува голем број семинари, практични обуки, работилници, студентски конференции и друго, каде покрај теоретските аспекти се анализираат и практичните аспекти во градежништвото, геодезијата и геотехниката.
Факултетот е постојано отворен за своите студенти и завршените инженери и има воспоставено одлична комуникација со градежните фирми и стопанството, со што е развиена плодна взаемна соработка.
На факултетот е формирана Фондација за стипендирање за најдобрите студенти како една од најдобрите форми за соработка со градежните компании, така што стипендирањето е дополнителен мотив и стимулација за студентите.
Студентскиот парламент при Градежниот факултет е најзначајната форма на организација на студентите, каде што тие ги развиваат своите идеи за подобрување на процесот на студирање и развој на факултетот.
Драги студенти, за време на студирањето искористете ги вашите потенцијали за да достигнете потребно знаење и вештини со кои ќе бидете способни да постигнете највисоко ниво на професионализам и одлична репутација во нашето општество.
Без сомнение, вашите најубави мигови во кариерата ќе ги поминете кај нас користејќи ја убавината на заедничка работа и дружење.
Мотото на Градежниот факултет е дека во историјата остануваат запаметени само оние кои градат и ги обединуваат луѓето.
Избирате прекрасна професија која создава слободни и креативни личности кои се способни да донесуваат интелегентни и храбри решенија при создавање на градбите.
Оваа прекрасна професија нуди голема можност Вашите објекти да останат како вечни знаменитости во просторот и времето на Ваше делување.